Иновативен пристап во менаџирање на мултипла склероза – една година наши искуства со ocrelizumab

Повеќе од една година како е достапен новиот иновативен, биолошки лек, ocrelizumab, лек кој претставува нова надеж за нашите пациенти со мултипла склероза бидејќи овозможува значителна супресија на сите маркери за активност на болеста и прогресија на инвалидетот, а воедно има поволен профил на односот помеѓу користа и ризикот за пациентите.

Во светот и кај нас, ocrelizumab е одобрен за лекување на активни форми на релапсна мултипла склероза (РМС) и претставува прв и единствен лек одобрен за третман на лица во рана фаза на примарно прогресивна мултипла склероза (ППМС).

На светско ниво веќе се лекуваат повеќе од 130,000 МС пациенти со лекот ocrelizumab, резултирајќи со повеќе од 140,000 пациентски години. Повеќе од 6000 пациенти се дел од регистрационите клинички студии за проценка на ефикасноста и безбедноста на лекот ocrelizumab во третман на релапсни форми на мултипла склероза (OPERA I и II) и примарно прогресивна мултипла склероза (ORATORIO), а пак повеќе од 125,000 пациенти се лица кои го примаат лекот во редовна рутинска пракса.

Ни претставува големо задоволство што со поддршка од Министерството за Здравство на Р. С. Македонија како и Фондот за здравствено осигурување, Универзитетската клиника за Неврологија, Скопје истотака е дел од глобалниот тренд во лекувањето на МС со вклучени 45 МС пациенти на терапија со овој лек во редовната рутинска пракса на нашата клиника. Од нив, 13% се ППМС пациенти а пак 87% се РМС пациенти.

Во однос на демографските карактеристики на пациентите кои во моментот се лекуваат со ocrelizumab, 55% се жени наспроти 45% мажи, со средна возраст од 37,7 години (опсег 21-58) а пак средната вредност на EDSS скорот (анг. Expanded Disability Status Scale score) изнесува 4,1 (опсег 1-6).

Мултипла склероза како изнемоштувачка болест не го афектира само пациентот, туку претставува товар и за семејството и пријателите, како и за општеството во целост. Имено, спроведената анкета на нашата клиника со цел утврдување на карактиристиките на МС пациентите, проценка на степенот на задоволство од терапијата со ocrelizumab и социјалниот товар на болеста, покажа дека 79% од пациентите имаат потреба за дополнителна придружба при примање на терапијата. Најчесто (76%) овие пациенти се придружени од некој член од семејството кои во 49% од случаите треба да земат слободен ден од работа.

Дополнително од 43 анкетирани пациенти, речиси половина од пациентите (46%) изјавија дека се невработени, од кои 95% ја наведоа нивната болест како причина за невработеност. 74% од пациентите изјавиле дека мултипла склероза има влијание врз нивниот социјален живот.

За жал, оваа болест ги афектира лицата во работоспособна доба (најчесто 20-40 години) при што доколку не се менаџира рано со високоефикасна терапија, резултира со прогредирачки инвалидитет и неможност овие лица да придонесат првенствено за сопствен квалитетен живот а потоа и за нивните семејства. Дополнителната потреба од придружба при примање на терапија покажува дека со зголемување на инвалидитетот се зголемуваат и индиректните трошоци за третман на болеста што резултира со повисока вкупна цена на товар на државата а сепак помала ефикасност од аспект на квалитет на живот на пациентот.

Раниот третман на болеста резултира со супресија на прогресијата и намалување на степенот на ивалидитет следствено на што сигнификантно се намалуваат индиректните трошоци и товарот на мултипла склероза.

Ocrelizumab има поволен безбедносен профил кој се докажува и кај нашите пациенти при што од вкупно 108 досега интравенски апликации на лекот, пријавени се само три случаи на несакани ефекти од лесен степен (благ транзиторен осип по кожата и чешање и еден случај на главоболка) при администрирање на првата иницијална доза од 300 mg кои биле соодветно менаџирани од нашиот тим на сестри и истите потполно биле повлечени со намалување на брзината на течење на инфузија. Инциденцата на појава на несакани ефекти се намалува со секоја наредна администрација на лекот, што се потврдува и со нашите досегашни искуства со ocrelizumab.

Нашата цел е ран третман на лицата со мултипла склероза и обезбедување на индивидуализиран третман за секој пациент поединечно со цел подобрување на квалитетот на живот на лицата со МС во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Р. С. Македонија.

Науч. сор. д-р Иван Барбов, ЈЗУ Универзитетска клиника за Неврологија, Скопје

Одговори

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *