НЕОПХОДНОСТ ОД ДОЛГОТРАЈНА HER2 БЛОКАДА НИЗ ПОВЕЌЕ ТРЕТМАНСКИ ЛИНИИ КАЈ HER2 ПОЗИТИВЕН МЕТАСТАТСКИ КАРЦИНОМ НА ДОЈКА

Лекувањето на метастатскиот HER2 позитивен рак на дојка при примарна презентација и после адјувантна терапија со HERCEPTIN е публицирано претходно:

http://webdoctor.com.mk/archives/370

http://webdoctor.com.mk/archives/364

Вообичаено после оваа прволинијска терапија порано или подоцна доаѓа до прогресија на болеста. Сепак, кај овој вид на метастатски карцином на дојка, развојот на анти HER2 лековите доведе до промена на природниот тек на оваа болест со значајно подобрување на вкупното преживување особено како резултат на нивната употреба во повеќе третмански линии (The Breast 2012;21:242-252). Пристапот до најдобрата терапија како и лекувањето од специјализиран мултидисциплинарен тим се клучните фактори за постигнување на најдобар исход. Вообичаено, болните се лекуваат со повеќе линии на хемотерапија или хормонска терапија во комбинација со анти HER2 лек или лекови со примарна цел да се подобри квалитетот на живот и вкупното преживување. Одлуката за секвенцијална терапија се носи врз основа на очекуваниот тек на болеста и врз основа на лековите кои се на располагање за максимално постигнување на  примарните цели на лекувањето. Анти HER2 терапијата треба да биде спроведена во прва линија кај сите пациенти, во отсуство на  контраиндикација. Пациентите треба да ја примаат терапијата до прогресија на болеста ако е добро толерирана. На пациентите  кај кои ќе се пројави прогресија при третман со анти HER2 терапијата комбинирана со хемотерапија или хормонска терапија, треба да им биде овозможена понатамошна анти HER2 терапија во комбинација со друга терапија, бидејќи покажано е дека континуираната супресија на HER2 рецепторот дава бенефит (Ann Oncol 2018;0:1-24). Изборот на анти HER2 агенсот зависи од неговата достапност, специфичната анти HER2 терапија дадена претходно и времето до повторното појавување на болеста. Оптималната секвенца и времетраењето на анти HER2 терапијата засега се непознати. Одлуката за прекинување на терапијата зависи од тоа дали болниот е во комплетна ремисија или не. При долготрајна повеќегодишна комплетна ремисија на болеста, прекинувањето на анти HER2 терапијата може да се земе во предвид доколку е можен  повторен обид за лекување со анти HER2 терапија при прогресија на болеста (Ann Oncol 2018;0:1-24).

Кај болните со естроген рецептор позитивен/HER2 позитивен метастатски карцином на дојка кај кои комбинацијата на хемотерапија со анти HER2 терапија дала бенефит, има смисла, после прекинување на хемотерапијата да се користи хормонска терапија во комбинација со анти HER2 терапија, како терапија на одржување (Ann Oncol 2018;0:1-24). Оваа терапија треба да се аплицира до прогресија на болеста или до пројава на неприфатлива токсичност.

Изборот на прволинијската терапија е објаснет во претходно споменатите публикации. Досега не постојат резултати кои би оправдале употреба на двојна блокада со HERCEPTIN и PERJETA со хемотерапија после прогресија на болеста односно, континуирана двојна блокада после прогресија на болеста. Кај болните кои не се лекувани во прва линија со комбинација на хемотерапија со HERCEPTIN и PERJETA, според експертските мислења, прифатливо е таа да се користи како втора линија на терапија (Ann Oncol 2018;0:1-24).

После прва линија на терапија со trastuzumab базирана терапија, T-DM1 – trastuzumab emtansine (KADCYLA) дава подобар резултат во однос на другите HER2 базирани терапии во втора линија како lapatinib + capecitabine (EMILIA) (NEJM 2012;367:1783-1791; Lancet Oncol 2017;18:732-742). На сликата 1, прикажани се резултатите од најновата анализа за вкупното преживување во оваа студија каде се гледа дека Kadcyla статистички значајно го подобрува вкупното преживување на овие болни.

Слика 1. Вкупно преживување

Исто така KADCYLA дава подобар резултат и во други линии на терапија во споредба со терапија според избор на лекарот (TH3RESA), (Lancet Oncol 2017;18:743-754).

Според тоа, Herceptin, Perjeta во комбинација со taxan е терапија на избор во прва линија на HER2 позитивен метастатски рак на дојка, додека Kadcyla е лек на избор во втора линија на терапија. Во трета линија на терапија треба да се аплицира друга комбинација на HER2 таргетирана терапија, или Kadcyla ако претходно не е даденa, или Perjeta ако претходно не е дадена. Ако веќе е аплицирана терапија со Perjeta и Kadcyla во понатамошните линии на терапија болниот треба да биде лекуван со: lapatinib + capecitabine, друга комбинација на хемотерапија со Herceptin, lapatinib со Herceptin, или хормонска терапија за хормон рецептор позитивна болест (JCO 2018;36:2736-2740).

ДОЛГОТРАЈНАТА HER2 БЛОКАДА НИЗ ПОВЕЌЕ ТРЕТМАНСКИ ЛИНИИ КАЈ HER2 ПОЗИТИВЕН МЕТАСТАТСКИ КАРЦИНОМ НА ДОЈКА Е ТЕРАПИЈА КОЈА ТРЕБА ДА ИМ БИДЕ ОВОЗМОЖЕНА НА СИТЕ ПАЦИЕНТИ, БИДЕЈИ ИСТАТА ГО ПОДОБРУВА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ И ГО ПРОДОЛЖУВА ВКУПНОТО ПРЕЖИВУВАЊЕ КАЈ ОВИЕ ПАЦИЕНТИ.

Автор на текстот: Проф. Д-р Петар Стефановски

Одговори

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *