ТЕРАПИЈА НА HER2 ПОЗИТИВЕН МЕТАСТАТСКИ КАРЦИНОМ НА ДОЈКА ПРИ ПРИМАРНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА

Метастатскиот рак на дојка вообичаено се појавува во периодот на следење после примарна хируршка интервенција и адјувантна терапија на локорегионална болест. Но, глобално околу 5-10% од болните имаат дисеминирана болест при примарна презентација на болеста. Најчесто метастатските промени се во скелетот, белите дробови, црниот дроб и мозокот.  The Breast 2014;23:44-49. Бројот на ваквите болни е различен во различни земји. Во реазвиените земји околу 8% од болните иницијално имаат матaстатска болест додека во неразвиените земји и земјите во развој 20-30% од болните имаат метастатска болест при првата презентација на болеста. The Breast 218;39:131-138. Раното системско дисеминирање на болеста при нејзина примарна презентација може да се интерпретира како поагресивна болест посебно ако се работи за HER2 позитивен рак на дојка. И покрај тоа некои истражувања покажаа дека прогнозата на болните со метастатски карцином на дојка при примарна презентација не се разликува од оние кои имаат системски релапс на болеста после примарна локорегионална терапија. Ann Oncol 2010;21:2169-2174. Средното преживување на болните со метaстатски рак на дојка е околу 3 години додека само 25% имаат петгодишно преживување. Ann Oncol 2018;0:1-24.

Болните со HER2 позитивен метастатски карцином на дојка при примарна презентација треба да се лекуваат со aнти-HER2 терапија. Стандардна прволиниска терапија е комбинација на хемoтерапија со trastuzumab (Herceptin) и pertuzumаb (Perjeta) зошто е докажано дека е подобра отколку комбинацијата на хемoтерапија само со trastuzumab (Herceptin) во однос на вкупното преживување, времето без прогресија на болеста и објективниот одговор. Доказите произлегуваат од CLEOPATRA студијата. NEJM 2012;366:109-119. Lancet Oncol 2013;14:461-471. NEJM 2015;372:724-734.

CLinical Evaluation Of Pertuzumab And TRAstuzumab Study (CLEOPATRA; Clinical Trials.gov NCT00567190), е рандомизирана фаза III студија за клиничка евалуација на ефикасноста и безбедноста на Perjeta плус Herceptin плус docetaxel во споредба со плацебо плус Herceptin плус docetaxel кај пациенти со HER2 позитивен метастатски рак на дојка лекувани во прва линија на терапија.

Во студијата  вкупно беа вклучени 808 пациенти од 204 истражувачки центри од 25 земји. Од вкупниот број на пациенти вклучени во студијата 406 пациенти беа рандомизирани да примаат плацебо плус Herceptin плус docetaxel (контролна група), а 402 да примаат Perjeta плус Herceptin плус docetaxel (pertuzumab).

Со средно следење на болните од 19.3 месеци направена е прва анализа и се објавени добиените резултати. Терапијата со Perjeta плус Herceptin плус docetaxel во споредба со плацебо плус Herceptin плус docetaxel сигнификантно го продолжува времето до прогресија на болеста проценето од независен комитет. Средното време до појава на прогресија на болеста се зголемува за 6.1 месец, од 12.4 месеци во контролната група на 18.5 месеци во групата лекувана со Perjeta (HR 0.62; 95%CI, 0.51-0.75; p<0.001). Со проценка на самите исражувачи, средното време до прогресија на болеста изнесува 12.4 месеци во контролната група и 18.7 месеци во групата лекувана со Perjeta (HR 0.69; 95%CI, 0.58-0.81; p<0.001).

Со средно следење од 49.5 месеци на групата со Perjeta и 50.6 месеци на контролната група направена е анализа за вкупното преживување. Средното вкупно преживување е 56.5 месеци (95%CI, 49.3- не е постигнато) на групата со Perjeta и 40.8 месеци (95%CI, 35.8-48.3) на контролната гупа со апсолутна разлика од 15.7 месеци (HR 0.68; 95%CI, 0.56-0.84; p<0.001) (Слика 1). Ова е скоро двојно повеќе од вообичаеното вкупно преживување на болните со дисеминиран рак на дојка при прволиниска терапија.

Слика 1.Објективен одговор

Објективниот одговор е 69.3% во контролната група и 80.2% во групата лекувана со pertuzumab. (Слика 2.)

Слика 2. Објективен одговор проценет од независни експерти

Според добиените резултати се заклучува дека комбинацијата на Herceptin и Perjeta со Docetaxel го намалува ризикот од смрт за 32% односно го зголемува вкупното преживување за 15.7 месеци во споредба со терапијата само со Herceptin.

Според тоа, лекувањето на HER2 позитивните тумори на дојка со две анти HER2 моноклонални антитела Herceptin и Perjeta, кои имаат комплементарен механизам на делување, дава најдобар одговор, најдолго време до прогресија на болеста и што е најзначајно, најдолго преживување кое до сега не е постигнато со ниедна претходна терапиja.

Комбинираната терапија со Herceptin, Perjeta и DOCETAXEL е СТАНДАРДНА ПРВОЛИНИСКА ТЕРАПИЈА ЗА her2 ПОЗИТИВЕН метастатски карцином на дојка ПРИ ПРИМАРНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА.

Автор на текстот: Проф. д-р Петар Стефановски

Одговори

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *