ТЕРАПИЈА НА HER2 ПОЗИТИВЕН МЕТАСТАТСКИ КАРЦИНОМ НА ДОЈКА ПОСЛЕ АДЈУВАНТНА ТЕРАПИЈА СО HERCEPTIN®

Aдјувантната терапија за HER2 позитивен ран карцином на дојка е: стандардна хемотерапија во комбинација со trastuzumab (Herceptin®). Трастузумабот треба да биде аплициран конкурентно со таксанската компонента на хемотерапијата и да се продолжи со истиот до една година или вкупно 18 циклуси. Неговата употреба се покажа дека го промени природниот тек на оваа болест трансформирајќи ја од агресивен тип со лоша прогноза во болест со подобра прогноза. И покрај тоа, според оскудните податоци во литературата, негде околу 20% од болните лекувани со Herceptin адјувантно, ќе доживеат релапс на болеста со дисеминирани метастатски промени (The Breast 2014;23:44-49).

Денес, прволиниска терапија за HER2 позитивен рекурентен рак на дојка е комбинирана терапија со pertuzumab (Perjeta®), trastuzumab (Herceptin®) и хемотерапија со docetaxel врз база на CLEOPATRA студијата (NEJM 2012;366:109-119).

Слика 1.

На Слика 1. е прикажано времето без прогресија на болеста во оваа студија кај болните кои примија pertuzumab и кај оние кои не примија. Постои статистичка значајна разлика меѓу двете групи во корист на болните кои примија pertuzumab (Perjeta®), trastuzumab (Herceptin®) и хемотерапија со docetaxel.

Во оваа студија 53% од пациентите немаа примено никаква терапија, а само 10% имаа примено trastuzumab адјувантно со слободен интервал од завршување на терапијата со повеќе од 12 месеци. Кај овие 88 пациенти кои претходно имаа примено trastuzumаb средното време без прогресија на болеста во групата која примаше pertuzumab и trastuzumab со хемотерапија беше 16.9 месеци, а во групата која примаше trastuzumab со плацебо и хемотерапија беше 10.4 месеци. Слични резулати во ретроспективни студии се објавени од различни институции (Clinical Breast Cancer 2011;11:153-160., The Breast 2014;23:44-49., The Oncologist 2014;19:1209-1215 ., Breast cancer: Basic and Clinical Research 2018;12:1-7).

Неодамна објавената ретроспективна студија спроведена во седум болници во Холандија покажа дека прволинискиот третман со trastuzumab е помалку ефикасен кај болните кои адјувантно примиле trastuzumab во споредба со оние кои не примиле (The Oncologist 2017;22:901-909). Оваа студија, иако ретроспективна, го потврдува стандардниот денешен пристап за прволиниска HER2 таргетирана терапија со двојна HER2 блокада со trastuzumab и pertuzumab отколку само сo trastuzumab.

Само 3-6% од болните со тек на време ја губат HER2 зголемената експресија во оддалечените метастази и тие можат да имаат помал клинички бенефит од HER2 таргетираната терапија (Breast Cancer Res 2010;12:R75., Breast Cancer 2013;20:336-341., Jpn J Clin Oncol 2013;43:55-62).

Според денешните препораки, биолошките маркери (хормонските рецептори и HER-2/neu) би требало повторно да се проценат најмалку еднаш во текот на метастатската болест ако тоа е можно клинички, односно ако е безопасно за болниот. Ако резултатите се разликуваат, денес не е јасно кој резултат треба да се користи во одлучувањето за терапијата, дали одредувањето на статусот на примарниот тумор или  статусот на метастазата. Но, секако се препорачува да се земе во обзир употребата на таргетирана терапија (ендокрина терапија и/или анти HER2 терапија) кога рецепторите се позитивни во најмалку една биопсија без обзир на времето на биопсијата (Ann Oncol 2018;0:1-24).

Комбинираната анти HER2 терапија со trastuzumab и pertuzumab треба да се даде рано (како прва линија на терапија) ако нема контраиндикации. Оптималното времетраење на анти-HER2 терапијата за метастатски карцином на дојка за сега е непознато. Од практична гледна точка секако терапијата треба да продолжи во континуитет посебно ако болниот има добар одговор. Тоа треба да биде балансирано во однос на можната токсичност на терапијата. Стопирањето на анти-HER2 терапијата може да се земе во обзир кај болните со неколку годишна комплетна ремисија на болеста посебно ако е можно повторно аплицирање на истата при прогресија на болеста. Кај многу мал број селектирани пациенти со ЕR позитивен и HER2 позитивен метастатски рак на дојка може да се аплицира комбинирана ендокрина терапија со pertuzumab и trastuzumab во прва линија на терапија. Болните со ваков тип на болест кои пак се лекувани во прва линија со двете моноклонални антитела и хемотерапија, комбинацијата на хормонска терапија со двете моноклонални антитела може да се користи како терапија на одржување после постигнат максимален одговор на комбинацијата со хемотерапија. Времетраењето на оваа терапија треба да биде до прогресија на болеста, неприфатлива токсичност или по барање на болниот да се прекине терапијата (Ann Oncol 2018;0:1-24).

Стандардна прволиниска терапија на пациенти со рак на дојка кои имаат HER2 позитивна метастатска болест, а притходно примиле trastuzumab како адјувантна терапија и периодот од завршувањето со trastuzumab до појавата на метастази е повеќе од 12 месеци, треба да биде: trastuzumab (Herceptin®), pertuzumab (Perjeta®) и docetaxel, ако тоа не е контраиндицирано од некоја друга причина. Секако дека истата терапија треба да се примени кај болните кои не примиле trastuzumab адјувантно.

Автор на трудот: Проф. Др. Петар Стефановски

Одговори

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *